Поранешниот Ф1 возач Рубенс Барикело вели дека се чувствува среќен што е жив по здравствените проблеми и отстранување на туморот на неговиот врат.
Ексвозачот на Ферари и Вилијамс, кој во својата кариера оствари 11 победи во февруари заглави во болница откако се пожали на силни главоболки. Тој остана само неколку дена во болница, но мораше да оди на операција на бенигниот тумор меѓу две трки во бразилскиот шампионат во „сток“ трки каде што сега се натпреварува.
При гостување на ТВ-емисијата „Конверса кон Биал“, Барикело ја покажа лузната на вратот.
„По сѐ што се случи, морав да имам серија проверки за да ја дознаам мојата здравствена состојба и најдоа мал тумор на вратот, кој го отстранија по трката во Интерлагос. Иако се работеше за безопасен тумор, тој ќе продолжеше да расте“, вели 45-годишниот Барикело.
Сепак, ветеранот вели дека лекарите во болницата му кажале дека имал среќа што не добил посериозни последици.
„Еден пријател кој е доктор ме виде дека не сум добро и имам среќа. Вената која ја оперираше беше во толку лоша состојба, што по операцијата се регенерираше во два часа. Кога дојдов во болница вената беше целосно затворена и ми кажаа дека само 14 отсто од луѓето го преживуваат тоа“, објаснува Барикело.