Top Sport

Бастијанини со лански мотоцикл го освои и Ле Ман!

Енеа Бастијанини ја забележа својата трета победа оваа сезона во Мото ГП шампионатот, победувајќи го Џек Милер на Француското ГП во Ле Ман, за да се врати во борбата за титулата со шампионот Фабио Квартараро, кој беше само четврт, и со Алеиш Еспархаро, кој третпат едноподруго беше на подиумот со третото место.

Зад водечката четворка, на целт стигнаа Жоан Зарко, Марк Маркез, Такаки Накагами, Бред Биндеер, Лука Марини и Маверик Вињалес.

Успехот на 24-годишниот Италијанец, кој победи и на првата трка од сезоната во Катар и на Американското ГП во Остин, е уште поимпресивен бидејќи тој не вози фабрички мотоцикл, туку е дел од Гресини Дукати, односно со минатогодишниот мотоцикл на италијанската компанија успе да го победи Милер на фабричкото Дукати.

Милер и Франческо Бањаја имаа одличен старт за да ги заземат првите две позиции, по што Бањаја го презеде првото место на кое остана до седум круга пред крајот, кога Бастијанини го заврши фантастичниот продор и го помина сонародникот. Бањаја тогаш направи огромна грешка и излетува од патеката.

Квартараро останува лидер со 102 поени во генерален пласман, пред Еспархаро со 98, а Бастијанини сега е на 94 поени на третото место.

 

Scroll to Top