Top Sport

Болидот на Ред бул за 2022 ќе биде дизајниран од Адријан Њуи

Ред бул признаваат дека очекуваат славниот дизајнер Адријан Њуи да го предводи проектот за новиот болид за следната сезона и покрај неговите „резерви“ околу оновите правила кои може да предизвикаат големи „потреси“ во Ф1.

Иако се вклучени во лута битка со Мерцедес за титулата, на две трки до крајот на сезоната, сите погледи се концентрираат кон 2022, кога ќе има радикално сменети правила. 62-годишниот Њуи, кој ги критикуваше правилата како премногу рестриктивни, ќе го предводи дизајнот на болидот иако подолго време отсуствуваше од Ред бул по мотоциклистичката несреќа која ја имаше на одмор во Хрватска.

Советникот на Ред бул, Хелмут Марко во интервју за „Ауто мотор унд спорт“ вели дека Њуи е главниот. Адријан Њуи е единствен дизајнер во историјата кој освоил светски титули со три различни тима – Вилијамс, Мекларен и Ред бул.

„Мислам дека е мотивиран, и за среќа работевме добро без него додека паузираше. Морате да сфатите дека во срце, Њуи е тркач, и ако види шанса за победа, оди безмилосно. Мотивацијата е поголема кога немате мотор кој заостанува 30 коњски сили зад ривалот. Нема човек со поголемо искуство од него и затоа ќе биде лидер“, вели Марко.

Scroll to Top