Возачот на Мерцедес, Валтери Ботас вели дека добил уверување од германскиот тим дека тие не размислуваат да го донесат Себастијан Фетел во 2021 година.
Ферари и Фетел минатиот месец фрлија „бомба“ дека Германецот си заминува на крајот на сезоната и тој веднаш беше заменет со Карлос Саинс Јуниор. Фетел останува слободен возач, а откако Мекларен го потврдија Даниел Рикардо, се веруваше дека Мерцедес и Рено се единствени опции за четирикратниот шампион.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф минатата недела изјави дека не можат да го игнорираат Фетел, но посочи дека фокусот е на сегашните возачи, Луис Хамилтон и Ботас, иако на двајцата им завршуваат договорите на крајот на годината. Ботас вели дека добил инфо дека Фетел не е во игра за место во Мерцедес.
„Јас сум постојано искрен со мојот тим за тоа каква е ситуацијата и што ќе биде со договорите. Добив прилично директна порака дека не размислуваат за Себ, и затоа јас не сум загрижен“, вели Ботас во интервју за „Скај спортс“.