Поранешниот шеф на тимот на Рено, Флавио Бриаторе вели дека Ферари не направиле вистински избор со одлуката да го задржат Кими Раиконен во 2018 година.
На неделната трка во Тексас, Мерцедес ја запечатија титулата кај конструкторите на три трки пред крајот, и Бриаторе вели дека партнерството Раиконен-Себастијан Фетел нема да донесе резултати доколку Ферари сакаат во иднина да ја вратат круната.
„Навистина е многу тешко да се освои титулата кај конструктори со Раиконен. Да победиш, потребни ти се двајца возачи кои се конкурентни, па потоа да размислуваш за тоакој од нив да се бори за титулата кај возачите“, вели Бриаторе во интервју со шпанскиот дневен весник „Марка“.
За поразот на Фетел од Луис Хамилтон во борбата за титулата (на Хамилтон му е потребно петто место во Мексико овој викенд), Бриаторе вели дека е очекуван.
„Победуваш и губиш на трки, но шампионатот е како Џиро ДИталија. Луис и Мерцедес беа најсилни, иако Ферари имаа добар почеток. Мерцедес многу подобро го развиваа својот болид“, додава Италијанецот.