Top Sport

Бриаторе: Се обидуваат да го убијат духот на Ферстапен

Флавио Бриаторе вели дека е голем навивач на Макс Ферстапен, но е критичен за однесувањето на стјуардите кон младата Ф1 ѕвезда.

Од пристигнувањето во Ф1 во 2015 година со Торо росо, Ферстапен стана миленик на фановите по неговиот фантастичен стил на патеката, бестрашноста во претекнувањата и бескомпромисноста во борбите. Тој лани стигна до првата победа за тимот со само 18 години, а оваа година додаде уште еден триумф.

Бриаторе признава дека Ферстапен во себе има сè што фановите посакуваат, но вели дека стјуардите не треба да го ограничуваат неговиот агресивен стил со казни. Ова доаѓа по случките на Американското ГП во Остин, каде што Холанѓанецот го претекна Кими Раиконен во Ферари за третото во последниот круг, но беше казнет и го загуби подиумот откако стјуардите решија дека излегол надвор од патеката.

„Ферстапен е новата ѕвезда на Формула 1. Нему му оди навистина добро, но тие се обидуваат да го ‘убијат’. Навистина лудо. Да бев јас лидер на Формула 1 ќе посакав 12 Ферстапени на патеката. Макс е исклучителен возач. Млад, се потсмева со системот и претекнува. Како да не го сака публиката“, вели Бриаторе во интервју со францускиот неделник „Ауто ебдо“.

Бриаторе, кој е заслужен за првите две светски титули на Михаел Шумахер со неговиот Бенетон тим, и со промовирање на Фернандо Алонсо во двократен шампион во Рено, вели дека и покрај казните, 20-годишниот Ферстапен ќе станува само попопуларен.

„Колку повеќе ќе го казнуваат, толку повеќе ќе го сакаат фановите. Неверојатно е што речиси во секоја трка беше казнет. Формула 1 е премногу контролиран спорт. Мора да им се даде шанса да возачите да се борат. Разликата со Мото ГП трките е драстична. Тие момци одат тркало до тркало при 300 км/ч и затоа имаат многу повеќе фанови“, вели Бриаторе.

Ферстапен: Идиотите сакаат да ја уништат Ф1

Scroll to Top