Top Sport

Дакар 2020: Теранова е лидер, катастрофа за Фернандо Алонсо

Возачот на Х-Рејд Мини, Аргентинецот Орландо Теранова е лидер на Дакар релито 2020 по вториот ден натпреварување, додека двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо по ветувачкиот старт имаше „катастрофа“ и веќе заостанува повеќе од два часа.

Алонсо беше одличен во првите 160 километри од етапата од Ал Ваџ до Неом, со 367 натпреварувачки километри, но потоа неговата Тојота се судри со карпа оштетувајќи го тркалото и суспензијата. Алонсо и со-возачот Марк Кома се обидоа веднаш да го поправат автомобилот, но загубија повеќе од два часа.

Саудискиот возач Јазид Ал-Раџи водеше во првите пет мерни точки и имаше шест минути предност, но неговиот обид за победа се „распадна“ во финишот, препуштајќи му ја победата на колегата од Тојота, Жиниел де Вилиер, кој по проблемите на првиот ден е шести во генерален пласман со 12 минути заостанување зад Теранова (Мини), кој заврши како втор на етапата пред Халид Ал-Касами (Пежо).

Во пласман на мотоцикли, нов лидер е Сем Сандерленд, откако ја заврши втората етапа зад победникот Рос Бренч, кој го вози само второто Дакар рели со КТМ. Британецот Сандерленд има 1:18 предност пред Чилеанецот Пабло Квинтанилја и 1:32 пред Аргентинецот Кевин Бенавидес.

Scroll to Top