Ферари повеќе пати во последната деценија се закануваше со своето право на вето за многу промени во Формула 1, и иако првично се согласи на планот за промени за 2021 година, повеќе извори од Италија и Велика Британија тврдат дека постои можност италијанскиот тим да не се согласи за промените.
Сепак, позитивен знак е изјавата на шефот на ФИА, Жан Тод дека гласањето во Светскиот моторспорт совет (ВМСЦ) поминало „едногласно“, а Ферари е единствениот Ф1 тим кој има член во оваа организација на ФИА. Соопштението на Ферари за германскиот магазин „Ауто мотор унд спорт“ пак не е толку ветувачко.
„Тоа што се изгласа е добра стартна позиција. Ќе работиме заедно за подобрување на Ф1“, одговори кратко Ферари.
На 5 ноември, тимовите ќе бидат повикани на состанок на кој би требало да потпишат нов „Конкорд договор“, а Тод вели дека е во „најдобар интерес“ на сите, договорот да биде потпишан што е можно побргу бидејќи од него зависат „милиони во спонзорски пари“.