Дејмон Хил вели дека дури откако се пензионирал сфатил дека „недуховитиот и стегнат“ Михаел Шумахер е човек „кој вреди да го запознаеш“.
Британецот и Шумахер имаа легендарно ривалство во 1990-тите, во кое неколку пати се судрија на патеката, од кои најпозната трка останува Австралиското ГП во 1994, кога во борба за титулата, Шумахер го истурка Хил од патеката и двајцата се откажаа, а Шумахер ја освои првата од седумте светски титули. Ова не беше рецепт за пријателство, и Хил вели дека дури во 1999 го видел Шумахер како нешто повеќе од обичен ривал.
„Чудно, но кога се пензионирав и му правев интервју во Сузука за еден магазин сфатив колку забавен човек е. Се пензионирав и тој го спушти гардот и одеднаш изгледаше како човек кого вреди да го запознаеш. Како професионалец беше сосема различен. Недуховит и стегнат човек кој не дава ништо. Можеше да ги ’сотре’ своите противници. Но, сите големи беа такви. Сена не беше лесен човек, на пример. Новата генерација е порелаксирана“, вели Хил во интервју за „Дејли мејл“.
Тој исто открива дека му било тешко кога слушнал за несреќата на скијање по која Шумахер доби оштетување на мозокот, а кога со него беше неговиот син. Хил го загуби својот татко, светскиот шампион Греем во 1975, кога тој падна со авионот кој го пилотираше. Дејмон имаше 15 години тогаш.
„Бев навистина вознемирен кога ги слушнав вестите, посебно бидејќи таму беше со неговиот син Мик. Јас сакав да имам врска со мојот татко кога раснев, но тоа не се случи поради трагедија, а сега Мик проаѓа низ истото. Не сум бил да го видам, не сум прашал. Премногу е приватна работа. Не го познавам Михаел толку добро“, додава Хил.