Top Sport

Дови и Дукати со трилер-победа во Катар (видео)

Андреа Довициозо и Дукати покажаа дека и во 2018 година ќе се обидат да ја симнат Мото ГП круната од главата на Марк Маркез и Хонда, со трилер-победа на првата трка од новата сезона, ноќното Катар ГП на патеката „Лосаил“.

Во фантастична трка, Довициозо успеа да се одбрани од нападот во последниот круг на шампионот Маркез, за да ја донесе првата победа на Дукати во Катар од 2009 година и да стане првиот лидер во генерален пласман. Валентино Роси, лошиот викенд за Јамаха го заврши на подиумот, откако го освои далечното трето место зад Дови и Маркез.

За Довициозо ова е десетта победа во кариерата, и доаѓа во совршено време – на стартот на сезоната во која сите се прашуваа дека тој и Дукати имаат доволно сила повторно да се борат со надмоќната Хонда и со Маркез.

„Совршена трка за совршен старт на шампионатот. Мотоциклот функционираше фантастично и успеав да се одбранам од сите напади. Ова е само почеток“, вели 31-годишниот Италијанец.

Маркез, кој повторно имаше неколку „тесни“ моменти во кои трката можеше да му биде завршена, беше пресреќен со второто место.

„Шоуто мора да продолжи. Секогаш давам 100 проценти и се обидувам до крај да го победам Дови. Се обидов и на последната кривина, иако знаев дека тој е побрз. Некој ден ќе го поминам. Среќен сум бидејќи тука главна цел беше подиумот, бидејќи мислев дека победата е недостижна“, вели Маркез.

Втората трка од сезоната е на 8 април 2018, Аргентинското ГП во Термас Рио Хондо.

Scroll to Top