Top Sport

Милан се намачи за победа над „летечките магариња“ (видео)

Џенаро Гатузо може да здивне. Неговиот Милан покажа исклучителен борбен дух за да се врати по разочарувањето и да стигне до 3:2 победа над Киево Верона во најнеизвесниот меч од 29. коло на Серија А.

Мечот започна одлично за „росонерите“ – Хакан Чалханоглу  во 10. минута се најде на вистинското место при една опасна акција за да донесе 1:0 водство. Меѓутоа, потоа на сцена стапи Полјакот Мариуш Степински, кој за две минути, прво постигна гол, а потоа му го намести на Роберто Инглезе за целосен пресврт на „Сан Сиро“.

Второто полувреме, сепак, му припадна на Милан – прво во 54. минута Патрик Кутроне израмни на 2:2, за во 82. минута, толку критикуваниот Андре Силва да ја обезбеди победата. Милан имаше шанса да победи и со 4:2, меѓутоа Кеси утна пенал во 93. минута.

Рома немаше такви проблеми и стигна до рутинска 0:2 победа на гостувањето кај Кротоне, благодарение на головите на Ел Шарави и Наинголан, додека Аталанта ја понижи Верона на домашен терен со неверојатни 5:0.

„Фенерџијата“ Беневенто пак, повторно имаше несреќен пораз, откако до 92. минута имаше водство од 1:0 против Каљари, за во следните пет минути гостите од Сардинија да постигнат два гола (вториот од пенал) за целиот плен.

Пенал по крајот на 90-те минути имаше и во Торино, каде што Фиорентина стигна до драматична 1:2 победа.

Фото: ЕПА

СЕРИЈА А, 29.КОЛО

Милан – Киево 3:2

Беневенто – Каљари 1:2

Кротоне – Рома 0:2

Торино – Фиорентина 1:2

Верона – Аталанта 0:5

Scroll to Top