Мото ГП асот на Дукати, Андреа Довициозо ја скршил левата клучна коска при пад на тренинг со мотокрос во неделата во Италија и ќе мора да оди на операција, објавија италијанските медиуми.
Довициозо учествувал на мотокрос трка во регионалниот шампионат на Емилија-Ромања, кога паднал на своето лево рамо и веднаш бил однесен во болницата во Форли. Дукати потврдија дека Довициозо, кој трипати беше второпласиран во Мото ГП шампионатот, ја скршил левата клучна коска и ќе оди на операција во недела навечер во Модена.
Портпаролот на тимот тврди дека обично ваква повреда залечува сама, но Довициозо се решил на операција за да може да биде подготвен за првата трка од новата Мото ГП сезона на 19 јули во Херез. Бидејќи досега се закажани само 13 трки од сезоната, секое отсуство може да биде клучно во борбата за титулата.