Top Sport

„Епл“ подготвен да го откупи Мекларен

Технолошкиот гигант „Епл“, чии акции во четвртокот ја надминаа вредноста од еден трилион долари (1.000.000.000.000 $) е повторно поврзуван со преземање на вториот најуспешен Формула 1 тим во историјата, Мекларен, тврди „Финеншл тајмс“.

Според угледниот весник, „Епл“ е заинтересиран за целата Мекларен технолоџи груп (МТГ), во чиј состав се наоѓаат покрај Ф1 тимот, и Мекларен аутомотив, компанијата за производство на улични автомобили и Мекларен аплајд технолоџи, компанија за други технолошки услуги. Покрај можноста за стратешка инвестиција, односно „Епл“ да стане партнер на Мекларен, постои и моѓност за целосно преземање на компанијата, со што иднината на Ф1 тимот би станала само „колатерална штета“.

„Епл“ подолго време покажува интерес за влез на автомобилскиот пазар како ривал на „Тесла“ во развојот на автомобили на електричен погон, и подолго време работи на развој на автоматски возила.

Според „Финеншл тајмс“, МТГ вреди од 1 до 1.5 милијарди фунти, откако само Мекларен аутомотив донесе 450 милиони евра промет минатата година. Од Мекларен бргу ја демантираа приказната, велејќи дека компанијата останува со непроменет сопственички состав.

Scroll to Top