Top Sport

Еванс најбрз, Ожие пред нова рели титула

Возачот на М-Спорт Форд, Елфин Еванс во попладневните етапи го зголеми водството на првиот цел ден на Британското рели, завршувајќи го со 25 секунди предност пред От Танак.

Еванс, инаку возач од Велс, предводи тројца возачи на М-Спорт по првиот ден – зад Танак е Себастиен Ожие со дополнителни 2.2 секунди заостанување. Ожие победи на шестата специјална етапа за да се доближи до својата петта титула едноподруго во Рели ВРЦ шампионатот.

Французинот е непобедлив во велшките шуми последните четири години и со петта победа во низа би стигнал и до петта титула, но и прва за неговиот нов тим, малиот М-Спорт.

„Ова може да биде многу посебна трка за тимот, но не смеам да размислувам на тоа. Морам да се фокусирам на трката“, вели Ожие, кој има 37 поени предност пред Танак, а на календарот е уште Австралиското рели во средината на ноември.

За да го спречат да се круниса за шампион, на Естонецот Танак му се потребни седум поени повеќе од Ожие, додека на белгискиот возач на Хјундаи, Тјери Нојвил му се потребни осум поени повеќе.

Scroll to Top