Името на Белгиецот Штофел Фандорне нема да биде запаметено долго од Ф1 фановите, откако неговата кариера во Мекларен заврши неславно на крајот на минатата сезона, во која беше совладан 21-0 во квалификациите од Фернандо Алонсо.
27-годишниот Фандорне сега настапува во електричната Формула Е серија, но во разговор со Ф1 новинарот Марк Пристли одговори на тоа дали му недостасува Формула 1.
„Формула 1 е океј и немам никаков проблем, но мислам дека Мекларен само ме изџвакаа и ме исплукаа“, открива Белгиецот.
Тој смета дека во Мекларен постоел преголем фокус кон Алонсо и целиот тим бил насочен да му помогне само на двократниот Ф1 шампион, а шпекулациите велат дека ја одбил понудата да остане возач за симулации на тимот. Мекларен оваа сезона имаат целосно нов состав – Карлос Саинс Јуниор и младиот британски талент Лендо Норис.