Top Sport

Фелипе Маса: Алонсо постојано ми работеше зад грб

Поранешниот Формула 1 возач, Фелипе Маса во својата кариера имаше шанса да вози покрај неколку светски шампиони – Михаел Шумахер во своето деби, а потоа и со Кими Раиконен и Фернандо Алонсо и има мислење за сите од нив.

На прашањето кој е најдобриот натпреварувач, и покрај тоа што Михаел Шумахер освои седум титули, Маса го поставува Шпанецот Алонсо на првото место.

„Најдобриот и најцврстиот колега беше Алонсо. Не сакам да зборувам против Михаел, но Алонсо без сомнеж беше исто толку талентиран и брз. Шумахер ја имаше целосната моќ во тимот кога пристигнав и се чувствував како да ми е постар брат. Но, и со Алонсо беше слично, бидејќи тој успеа да сврти сè во негова корист“, вели Маса.

Маса и Алонсо станаа колеги во 2010 и Маса вели дека откако Алонсо победи во првата трка, ситуацијата станала јасна.

„Врнеше во Австралија и бевме на третото и четвртото место. Фернандо остана зад мене и тимот му дозволи да ме помине. Одбив бидејќи немаше смисла, но ментално бев уништен. Не беше фер и тој ментално се обиде да ме скрши и на крајот го направи тоа. Страдав како негов колега. Не бидејќи не беше забавно и не се согласував, туку поради тоа што работеше сè зад мојот грб . Со Кими никогаш немав проблем“, вели Маса, кој си замина од Ферари за Вилијамс на крајот на 2013 година.

Scroll to Top