Top Sport

Ферари ги „спушта“ очекувањата на фановите: Немаме магично стапче

Шефот на Ферари, Матија Биното ги предупреди тифозите дека нема „магично стапче“ со кое ќе гарантира успех за Скудерија во 2022 година и покрај тоа што минатата сезона го освоија третото место во генерален пласман зад недостижните Мерцедес и Ред бул.

Сезоната 2020 беше најлоша кај конструкторите за Ферари во последните 40 години, но во 2021 година тие успеаја да се вратат на третото место победувајќи ги Мекларен со одличен финиш на сезоната.

Биното им даде оценка „осум од десет“ на своите возачи Шарл Леклер и Карлос Саинс Јуниор за оваа сезона, но вели дека фановите треба да бидат трпеливи во исчекување на барем прва победа од Сингапур ГП во 2019 и прва титула од далечната 2007 година.

„Последните години не научија дека прогресот е тежок, бидејќи дури ни во Ф1 не постои магично стапче. Најважно е да се работи сериозно, постојано да се бараат подобрувања и да се оди чекор по чекор. Мораш да бидеш подобар од последните години. Не можеме да кажеме дека сме задоволни што не се бориме за подиуми и победи, и не е убаво да гледаш како другите прославуваат“, признава Биното во божиќното интервју за „Скај спортс“.

Scroll to Top