Директорот на Ферари, Маурицио Аривабене, рекол дека неговиот тим не се откажува од борбата за шампионската титула во шампионатот на Формула 1. Лидер во генералниот пласман е Луис Хамилтон со 67 бода повеќе од ѕвездата на Ферари, Себастијан Фетел. Британецот, в недела во Остин, може да ја освои титулата доколку забележи победа.
Кога станува збор за титулата меѓу конструкторите Ферари, на четири трки до крајот, има 78 бода помалку од Мерцедес.
„Знам дека ситуацијата во која се наоѓаме делува како невозможна, но понекогаш нашата работа е токму тоа, да се бориме со невозможното. Тоа и ќе се обидеме да го направиме“, рекол Аривабене.
Ферари, до летната пауза, беше лидер меѓу конструкторите, но откако победија во Белгија работите добија поинаков тек, бидејќи конкурентот од Мерцедес Луис Хамилтон победи на сите трки.
На неколку трки Ферари направи стратешки грешки, на ниво не беа ниту возачите, а сето тоа Мерцедес знаеше да го искористи. Сепак шефот на Ферари не сака да обвинува никого од тимот.
„Ние победуваме и губиме заедно“, рекол Аривабене за „Скај“.
На последните четири трки Фетел изгуби 50 бода и во ниту еден момент не успеа да му се спротивстави на Хамилтон.