Top Sport

Ферари потврдија дека Леклер ќе стартува од последното место во Канада

Ферари потврдија дека нивниот возач Шарл Леклер ќе стартува од последното место на Канадското ГП во Монтреал, откако покрај нов мотор, на неговиот болид ќе бидат поставени и дополнителни компоненти за моторот.

Ова претставува голем удар за шансите за титулата на возачот од Монако, откако во последните трки Ферари се мачи со постојаноста на моторот – Леклер имаше две откажувања во послените три трки, а во третата од нив, домашното Монако ГП, Ферари ја згрешија тактиката и така му избега домашна победа. Сега, на неговиот болид ќе бидат поставени нови „ИЦЕ“, турбо, МГУ-Х и МГУ-К компоненти и тој ќе има тешка задача да стигне до првата победа по таа на Австралиското ГП во април.

„Секако, не сме во најдобра ситуација поради проблемите со моторот. Имаме многу работа пред нас. За среќа, Монтреал е место каде што е лесно да се претекнува, така што не е крај на светот“, изјави 24-годишниот Леклер.

Леклер заостанува 34 поени зад Макс Ферстапен во Ред бул во генерален пласман, откако Холанѓанецот освои 80 поени во последните пет трки, откако имаше две откажувања на стартот на сезоната.

Scroll to Top