Шефот на Ферари, Матија Биното вели дека е „среќен“ од фактот што Луис Хамилтон ќе биде достапен како возач за сезоната 2021 година.
Заедно со шефот на Хамилтон, Тото Волф на петочната прес-конференција пред завршната трка во Абу Даби, Биното беше запрашан дали би бил заинтересиран да потпише со Хамилтон, чиј договор со Мерцедес завршува следната сезона. Иако Шарл Леклер има договор до 2022, договорот на Себастијан Фетел завршува во 2020 година.
„Луис е сигурно исклучителен, фантастичен возач. Тоа што знаеме дека е достапен во 2021 може само да не прави среќни, но искрено, прерано е за такви одлуки. Во моментов сме задоволни со возачите кои ги имаме, и следната година ќе почнеме да размислуваме за 2021“, вели Биното.
И покрај постојаните врски со Ферари во кариерата, Хамилтон изјавуваше дека не може да замисли да замине од Мерцедес, посебно ако Австриецот Волф остане на чело на тимот, по шпекулациите дека може да стане шеф на Ф1.
Волф, признава, дека и во „сребрената стрела“ размислуваат за 2021.
„Луис и јас станавме блиски овие седум години. Дојдовме во Мерцедес во исто време во 2013 и изградивме голема доверба. Но, во исто време, двајцата сме дел од поголема организација каде што секој си ја работи својата работа. Убаво е да се слушне дека има доверба во мене. И јас би сакал да знае каде ќе оди или дали ќе остане“, изјави Волф.