Top Sport

Ферари со почетничка грешка му подарија победа на Перез во Монако, Леклер „извиси“

Малерот на Шарл Леклер на неговата домашна трка, Монако ГП продолжи и на маратонската неделна трка, кога поради грешка на неговиот тим со менувањето на гумите, тој го загуби водството и речиси сигурната победа, која на крајот му припадна на Серхио Перез во Ред бул.

За малерот да биде поголем, Леклер не заврши ниту на подиумот, останувајќи на четвртото место зад колегата од Скудерија, Карлос Саинс на второто место и лидерот во генерален пласман, Макс Ферстапен, кој го зголеми водството.

Стартот на трката беше повеќе пати одложуван поради силниот дожд во кнежевството, за на крајот да се стартува под безбедносното возило. Поради малиот простор за маневар, бидејќи трката се вози на улиците на Монте Карло, немаше шанси за некакви спектакуларни потези, и распоредот по стартот остана ист – Леклер го заддржа првото место пред Перез, Саинс и Ферстапен.

Но, кога дојде време да се влезе во боксот бидејќи патеката се сушеше, во Ферари направија грешка поставувајќи им „тврди“ гуми на двајцата возачи, а покрај тоа Леклер од првото падна на четвртото место.

Драмата продолжи, кога Мик Шумахер имаше страотен инцидент со својот Хас Ф1 во 27. круг од трката, по што неговио болид буквално се преполови, а возачите повторно влегоа во боксот со уште едно црвено знаме. Ова значеше дека водечката четворка доби нови гуми, по што до крајот на трката (која наместо во кругови се броеше со време – 3 часа), се возеше „воз“ кој го предводеше Перез.

Зд нив, Џорџ Расел продолжи со добрите трки со Мерцедес на петтото место, пред Лендо Норис во Мекларен, Фернандо Алонсо во Алпине, Луис Хамилтон во вториот Мерцедес, Естебан Окон (Алпине) и Валтери Ботас (Алфа Ромео).

За Мексиканецот ова е трета победа во кариерата и доаѓа веднаш по Шпанското ГП, каде што победата му беше „украдена“ по тимските наредби во Ред бул, кои не му дозволија да се трка со колегата Ферстапен.

Scroll to Top