Вратите на Ферари секогаш ќе бидат отворени за Мик Шумахер, вели шефот на италијанскиот тим Маурицио Аривабене, но посочува дека засега не постојат планови за соработка.
Синот на легендарниот Михаел Шумахер се доближи на три поени зад Ден Тиктам од Ред бул во Европскиот Формула 3 шампионат по шест победи во последните три рунди, вклучувајќи хет-трик во Нирбургринг. Неговиот татко Михаел освои пет од неговите седум титули со Ферари и 72 од рекордните 29 победи од 1996 до 2006 година.
Аривабене вели дека, секако, тие го следат развојот на 19-годишниот Мик Шумахер, но дека е потребно да не се врши притисок на тинејџерот.
„Најважно е да се остави да расне, без голем притисок. Резултатите му се многу добри и ние му посакуваме голема кариера. Со такво презиме, кое ја напиша историјата на Ферари, вратите во Маранело секогаш се отворени. Но, без да прескокнуваме чекори. Тоа е семејна одлука, на семејството Шумахер. Како би можеле да кажеме не на Шумахер во Маранело?“, вели Аривабене.
Младиот Шумахер е поддржуван од Мерцедес во Формула 3, и имаше шанса да гостува на ДТМ трката во Нирбургринг минатиот викенд. Се очекува тој да се префрли во Формула 2 следната сезона, во серијата која е претпоследна пред Ф1, а ако продолжи со успесите до крајот на годината ќе добие доволно поени за да добие супер-лиценца за Ф1.
За да се квалификуваат за Ф1, на младите возачи потребни им се 40 поени во тригодишен период, а Шумахер има 22 досега, така што ако заврши во топ 3 во Ф3 шампионатот ќе ги добие потребните поени. Шефот на Заубер, Фред Васер, вели дека е прерано за Ф1.
„Искрено, има преголема разлика од Ф3 до Ф1. Со мал број на тестирање во Формула 1, би кажал дека е практично невозможно и има повеќе смисла да вози во Ф2, барем една сезона“, вели Васер.