Top Sport

Фернандо Алонсо си заминува од Формула 1!

По повеќемесечни шпекулации, сега е официјално – двократниот Формула 1 шампион, Фернандо Алонсо заминува од спортот, и иако не најави каде е неговата следна дестинација, сите веруваат дека тој ќе се натпреварува во американската Инди кар серија.

Шпанецот, кој ги освои своите две титули со Рено, пред да се трка и за Ферари и Мекларен, беше пред излез од Ф1 и на крајот на минатата година, но Мекларен го убедија да потпише уште една година откако ја откажаа соработката со Хонда за оваа година да се тркаат со мотори на Рено. Мекларен сакаа да го задржат и следната година, но тој вели дека е време за промена.

„По 17 прекрасни години во овој неверојатен спорт, време е да направам промена и да одам понатаму. Уживав во секоја минута од овие неверојатни сезони и не можам доволно да им се заблагодарам на луѓето кои ми помогнаа. Има уште неколку трки оваа сезона и ќе учествувам со уште поголема посветеност и страст“, вели Алонсо.

Иако се очекуваше дека ќе потврди дека ќе оди во Инди кар, Шпанецот не откри многу за иднината.

„Ќе видиме што ќе донесе иднината, на другата страна од кривината се нови предизвици. Ова е еден од најсреќните периоди во мојот живот, но морам да одам на нови авантури. Им благодарам на сите во Мекларен и моето срце секогаш ќе биде со тимот. Знам дека ќе се вратат посилни и подобри во иднината и тоа ќе ме направи бексрајно среќен“, додава Алонсо.

Со неверојатен талент, но и со многу конфликти во тимовите во кои беше, Алонсо можеби освои само две титули во Формула 1 и тоа на почетокот на кариерата, но останува еден од најценетите возачи на својата генерација.

Алонсо досега во Ф1 има остварено 32 победи, 22 пол-позиции, 97 подиуми и 1.893 освоени поени.

Инди кар го најави доаѓањето на Алонсо

Scroll to Top