Макс Ферстапен ќе стартува прв на трката за ГН на Австралија, која се вози во Мелбурн во недела во 7 часот по средно-европско време. По завршувањето на квалификациите, Ферстапен јавно го искажа незадоволството од предлозите кои доаѓаат од челниците на Формула 1.
Стефано Доменикали, предводникот на најбрзиот караван, зборуваше пред австралиското ГП за тоа како би сакал да го зголеми бројот на натпреварувачки делници секој викенд со откажување од слободни тренинзи и зголемување на бројот на „спринт“ трки кои моментално се шест.
Холанѓанецот, актуелниот светски шампион, жестоко го критикуваше ваквиот предлог.
„Се надевам дека нема да има такви промени, бидејќи тогаш нема да бидам тука уште долго. Тоа нема смисла и воопшто не ми се допаѓаат тие идеи. Ако така ни го трупат распоредот, викендите ќе станат преинтензивни, а ние секако веќе носиме огромен товар“, изјави Верстапен и додаде:
„Јасно ми е дека во интерес на Формула 1 е нешто да се случува во текот на викендот, но мислам дека мора да го задржиме форматот според кој само сабота и недела се вози за нешто. Следуваат сезони каде што ќе имаме 24 или 25 трки во календарот, и ако вметнат уште мали трки како оваа, нема да ми биде гајле. Нема да уживам во тоа“.
Првата од шесте спринтерски трки, кои се возат една третина од должината на нормалната трка, ќе се вози на крајот на месецот во Баку. Резултатот од таа трка ќе послужи како квалификации за главната трка. Покрај тоа што сака да го зголеми бројот на спринтерски трки, Формула 1 сака да воведе квалификации за спринт трките кои би се возеле само еден круг.
„Во спринтерските трки целта е чист опстанок и нема смисла да се ризикува со дефект на болидот на таа трка. Повеќе би сакал да го одржувам во одлична состојба за главната трка. Тие спринтерски трки не се во ДНК на Формула 1. Поентата на овој спорт е издржливоста на долгата неделна трка“, заклучи Верстапен.