Холандскиот ас на Ред бул, Макс Ферстапен не е импресиониран од остварувањата на Луис Хамилтон, велејќи дека голем број на врвните возачи во спортот можеле да освојат и повеќе од пет титули доколку го имале болидот на Мерцедес.
Хамилтон освои четири од последните пет титули, губејќи го трофејот само во директната борба со Нико Розберг во 2016 година, и полека се доближува до рекордите на Михаел Шумахер, кои до неодамна се чинеа толку далеку. Шуми има седум титули, Хамилтон пет, Шуми има 91 победа, а Хамилтон 73 откако победи во 51 од последните 100 трки.
Ферстапен, кој има пет победи во кариерата, се надева дека следната година ќе може да го предизвика Британецот по трансферот на Ред бул од Рено на мотори на Хонда.
„Мислам дека Себастијан Фетел, Фернандо Алонсо, Даниел Рикардо, но и јас, лесно ќе бевме шампиони со таков болид. Кога ќе ги видам снимките од трките, дури мислам дека Мерцедес не оди со полн гас во повеќе трки“, вели Ферстапен.
Мерцедес во 2017 година се обидоа да го донесат Ферстапен во тимот, но Холанѓанецот вели дека не би сакал да биде колега со возачи како Фетел или Хамилтон.
„За мојата кариера не би било убаво да седам покрај Хамилтон и Фетел во моментов, но би го направил тоа ако немам друг избор. Верувам во Ред бул и сакам да станам шампион со нив“, додава Холанѓанецот.