Top Sport

Ферстапен: Хамилтон никогаш немал силен колега

Воздржната „војна на зборови“ помеѓу Луис Хамилтон и Макс Ферстапен продолжува, откако возачот на Ред бул изјави дека Хамилтон никогаш не „бил под притисок“ на своите тимски колеги.

Двајцата беа вклучени во класична битка на Унгарското ГП минатата недела, борејќи се во текот на сите 70 кругови, пред Хамилтон конечно да го претекне на четири круга пред крајот. Во тој момент двајцата беа цела минута пред остатокот од возачите. Но, Ферстапен не е импресиониран.

„Сè зависи од болидот. Мислам дека во својата кариера тој не чувствуваше никаков притисок од своите тимски колеги и затоа е толку опуштен на патеката“, вели 21-годишниот Ферстапен во интервју за магазинот „Моторспорт“.

Откако е во Мерцедес, Хамилтон како колеги ги имаше Нико Розберг и Валтери Ботас, а Розберг го победи за титулата во 2016 година, по што веднаш се пензионираше.

„Хамилтон требаше да биде шампион во 2016, но имаше едно откажување на моторот. По летната пауза имаше неколку слаби стартови и го загуби првото место, но вистински притисок немаше“, вели Ферстапен.

Scroll to Top