Макс Ферстапен стигна до својата петта победа во кариерата на возбудливото Мексиканско ГП со соло трка уште еднаш докажувајќи го својот талент, меѓутоа тоа ќе остане во сенка на петтата освоена светска титула на Луис Хамилтон, кому му беше доволно да го освои четвртото место за да ги побие сите математики и да се израмни со Хуан Мануел Фанџо со пет трофеи, само две помалку од рекордните седум на Михаел Шумахер.
Ферстапен успеа на стартот на трката да го задржи фантастичниот Хамилтон зад него, за да избие на првото место пред Британецот и својот колега, освојувачот на пол-позицијата Даниел Рикардо, за пред илјадниците мексикански фанови да покаже вистинска зрелост и да стигне до победата со над 10 секунди пред Себастијан Фетел во Ферари.
Второто место не беше доволно за возачот на Ферари да го спречи Хамилтон барем уште една трка да не биде крунисан, а подиумот со него го подели колегата Кими Раиконен. Зад Хамилтон на петтото место беше вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас, а во поени беа и Нико Хилкенберг (Рено), Шарл Леклер (Заубер), Штофел Фандорне (Мекларен), Маркус Ериксон (Заубер) и Пјер Гасли (Торо росо).
За Хамилтон ова е само комплетирање на уште една маестрална сезона во која покажа дека е возачот со најмногу нерви и со силен тим зад себе, надминувајќи ја предноста на Фетел и Ферари од првата половина од сезоната, за со фантастична серија да стигне до предност која на крајот се покажа како недостижна.
И покрај тоа што зад себе има и голем број на „мразители“, не може да се потцени успехот на Британецот, кој сигурно ќе биде запаметен како еден од великаните на спортот.
?????@LewisHamilton is a FIVE-time world champion!#F1 #MexicoGP pic.twitter.com/lRx0tVl1zA
— Formula 1 (@F1) October 28, 2018