Новиот Ф1 шампион, Макс Ферстапен ја нападна одлуката Мајкл Маси да биде тргнат од позицијата на директор на трки на ФИА по контроверзниот финиш на сезоната во Абу Даби, каде што возачот на Ред бул во последниот круг го претекна Луис Хамилтон за титулата.
Австралиецот Маси беше критикува за одлуката да ги смени правилата за излегувањето на безбедносното возило во последниот круг, и од Мерцедес бараа негова смена, за на крај новиот претседател на ФИА, Мохамед Бен Сулајем да потврди дека на неговото место во 2022 ќе бидат двајца директори – Едуардо Фреитас и Нилс Витих. Ферстапен не се согласува.
„Мислам дека тоа не беше коректно. Секој се обидува да ја заврши својата работа и секому му е потребна помош. Ние возачите имаме цел тим зад нас. За мене многу е нефер тоа што му се случи на Мајкл, практично го фрлија под автобус. Да се добие таков отказ е неприфатливо. Навистина ми е жал за него. Според мене тој беше многу способен и добар тркачки директор. Немам ништо против новите луѓе, бидејќи сметам дека и тие се способни и добри, но лично, ми беше жал за Мајкл, му пратив и СМС порака по случките“, вели Ферстапен за „Аутоспорт“.
Маси беше директор на трки од 2019 година по ненадејната смрт на долгогодишиот директор, Чарли Вајтинг.