Top Sport

Ферстапен на пол-позиција на дождот во Имола, катастрофа за Мерцедес и Саинс

Макс Ферстапен ќе стартува од пол-позицијата на утрешната спринт-трка на патеката Имола пред ГП на Емилија-Ромања, по маратонските петочни квалификации кои завршија катастрофално за возачите на Мерцедес, Џорџ Расел и Луис Хамилтон, но и за Карлос Саинс во Ферари.

Ферстапен ќе стартува пред лидерот во генерален пласман, Шарл Леклер во Ферари, додека во топ 10 се и Лендо Норис (Мекларен), Кевин Магнусен (Хас), Фернандо Алонсо (Алпине), Даниел Рикардо (Мекларен), Серхио Перез (Ред бул), Валтери Ботас (Алфа Ромео), Себастијан Фетел (Астон Мартин) и Саинс на 10. место.

Сесијата се оддржа под дожд и влажна патека, поради што беа предизвикани повеќе паузи поради излетување на возачите. Мерцедес, по ветувачкото враќање на формата на претходната трка во Австралија имаа катастрофална сесија, со Расел на 11. место и Хамилтон на 13. место, додека Саинс ќе стартува како 10. откако излета во втората квалификациска сесија неколку дена откако го продолжи договорот со Ферари.

Утрешната спринт-трка ќе се вози во 25 кругови, а распоредот на таа трка ќе одлучи како ќе се стартува на неделната „регуларна“ трка.

Scroll to Top