Макс Ферстапен најави дека нема да избрза со потпишување на нов договор со Ред бул, за да може да го забележи прогресот на тимот, но и на Ф1 шампионатот.
Ред бул не успеаја да ја вратат доминацијата во Ф1 по воведувањето на В6 турбо-хибридната ера, откако Мерцедес ги освои сите титули под овие правила и е блиску до шеста титула во низа во 2019, додека Ред бул се мачат за подиуми и за ретка шанса за победа.
Холанѓанецот има договор со тимот до крајот на 2020 година, кога во Формула 1 влегуваат новите правила и вели дека нема да направи брза одлука.
„Не сум премногу загрижен. Прво, сакам да видам дали ќе се оствари тоа што е ветено. Сакаме следната година да почнеме да победуваме и да се бориме за титула. Затоа сум во спортот и заедно со Ред бул работиме на таа цел. Но, има многу неизвесни работи во Ф1 по 2020. Затоа воопшто не се брзам“, вели Ферстапен за „Ауто мотор унд спорт“.