Top Sport

Ферстапен недопирлив на Каталуња, Мерцедес се „разбуди“ со двоен подиум

Светскиот шампион и освојувач на пол-позицијата, Макс Ферстапен забележа уште една доминантна победа во Ф1 шампионатот, триумфирајќи на Шпанското ГП со разлика од речиси дваесет секунди пред двојката на Мерцедес, Луис Хамилтон и Џорџ Расел, кои докажаа дека најавуваните подобрувања на болидот ги враќаат на позицијата на втор најдобар тим оваа сезона.

Серхио Перез успеа да спаси четврто место со вториот Ред бул, пред Карлос Саинс Јуниор, откако тој стартуваше на второто место во уште една разочарувачка трка за Ферари, по што следуваше двојката на Астон Мартин, Ленс Строл и Фернандо Алонсо. Во поени беа и Естебан Окон на осмото место за Алпин, Јуки Цунода во Алфа Таури и Жоу за Алфа Ромео.

Најголем проблем на Ферстапен му беше стартот, откако Саинс се обиде да го помине, додека Лендо Норис во Мекларен, кој стартуваше како трет имаше хорор почеток, со судир со Луис Хамилтон кој го претекна и излегување на 20. место. Ферстапен веднаш направи разлика која беше недостижна за конкуренцијата, а Хамилтон и Расел покажаа дека Мерцедес имаат далеку подобар болид од тој на стартот на сезоната, поминувајќи ги Саинс и Строл за место на подиумот.

Во финишот на трката Ферстапен го доби и најбрзиот круг на трката, иако двапати беше предупредуван дека излегува надвор од патеката. Со трето предупредување ќе добиеше казна од 5 секунди, која, сепак, немаше да влијае на распоредот.

Scroll to Top