Макс Ферстапен го продолжи договорот со тимот на Ред бул, со што ќе остане во австрискиот тим барем до крајот на 2020 година. За Ред бул ова е фантастична можност да го осигураат талентираниот 20-годишен Холанѓанец, кој направи „бум“ со своето храбро возење и желбата за трки.
Ферстапен дојде во Ред бул по четири трки во сезоната 2016 година, добивајќи „унапредување“ од јуниорскиот тим Торо росо. Откако дојде во тимот, синот на поранешниот тркач Јос Ферстапен, оствари две победи – во првата трка во Шпанија во 2016 и оваа година во Малезија. Претходниот договор на Ферстапен траеше до крајот на 2018, а постоеја шпекулации дека Ферари и Мерцедес чекаат шанса да го „грабнат“.
„Ред бул постојано покажуваа доверба во моите квалитети, уште кога ме поканија да бидам дел од младинската програма на 16 години. Тие ми го дадоа првиот старт во Формула 1 на 17 години и шанса да се тркам за Ред бул рејсинг. Тие ја делат мојата амбиција за победи и освојување светски титули, и момците секогаш даваат 100 отсто во гаражата и во фабриката. Исто така имавме и забавни денови заедно“, изјави Ферстапен.