Макс Ферстапен не успеа да се возддржи од коментар по новата техничка директива на ФИА со која според повеќе извори, уште повеќе се ограничува моќта на моторот на Ферари.
На Американското ГП во Тексас, Ферари имаа значително послаб болид по жалбата на Ред бул околу правилата за користење на дотокот на гориво и масло како „трик“ за зголемување на перформансите, а сега пред Бразилското ГП беше упатена нова директива, овојпат за согорувањето на течностите во системите за ладење на моторот, уште една работа предизвикана од формата на Ферари.
Ферстапен во Остин ги налути Ферари со изјавата: „Тоа се случува кога ќе престанете да мамите“, по што следуваше лута реакција од италијанскиот тим. Сега, пред Бразилското ГП овој викенд, младиот Холанѓанец беше малку подипломатски расположен, велејќи дека конечно, се поставуваат работите на вистинско место.
„Тоа е добро, очигледно ФИА добро и ја завршува работата и сега е јасно за сите што е дозволено, а што не. Одлично што ФИА запишаа сè. Се работи за комплексни регулативи и не е секогаш толку едноставно веднаш да се реагира“, вели Ферстапен.