Возачот на Ред бул, Макс Ферстапен вели дека „апсолутно“ стои зад бесот кој го покажа за контроверзната казна која ја доби на Американското ГП, и која го чинеше подиум.
Ферстапен заврши како трет во трката откако го претекна Кими Раиконен во Ферари, но стјуардите оценија дека тој добил не-фер предност со тоа што излегол надвор од границата на патеката. Холанѓанецот беше толку лут на одлуката што ја обвини ФИА дека го „убива спортот“, ги нарече стјуардите „идиоти“ и посака следната година да не дојде никој на трката во САД.
Иако, првично се извини на стјуардот Гери Конели, на прес-конференцијата пред Мексиканското ГП, Ферстапен објасни дека верува дека е во право.
„Мислам дека по трката секогаш емоциите се големи, а посебно кога ќе те тргнат од подиумот и мислам дека бев во право. Казната не беше коректна, сите излегуваа надвор од границите на патеката на осмата и деветтата кривина, но само јас бев казнет. На фановите им се допадна претекнувањето. Нормално е што се налутив, иако можев да искористам други зборови“, вели Ферстапен.