Top Sport

Ферстапен: Виновен сум, но нема да бидам „мирен“ возач (видео)

Макс Ферстапен признава дека згрешил и дека тој е виновен за судирот со Себастијан Фетел на Кинеското ГП кое го чинеше место на подиумот и казна од 10 места.

Холанѓанецот во 43. круг имаше премногу оптимистички обид за претекнување на Фетел, и се судри со ривалот од Ферари и двајцата се извртеа. За ова тој доби казна од 10 секунди која го симна од четвртото на петтото место на крајот на трката.

„Забележав дека тој се мачи на гумите и се обидов да влезам со сопирачки доцна во кривината. Го удрив и секако тоа беше моја вина. Не го сакав тоа. Лесно е да се каже дека требаше да почекам, но во тој момент не мислев така“, вели Ферстапен.

По низата инциденти во првите три трки од сезоната, дел од ривалите посочија дека холандскиот ас на Ред бул треба да ја намали агресијата, но тој не се согласува.

„Лесно е да се коментира. Во моментов работите не одат како што треба, но дали тоа значи дека треба да се смирам. Не мислам така“, додава Ферстапен.

Фетел беше забележан како разговара со Ферстапен по крајот на трката, откако заврши на осмото место по инцидентот.

„Не го забележав додека не беше доцна. Покрај тоа имаше малку простор. Немав намера да му давам отпор бидејќи видов со Даниел Рикјардо дека нема поента и дека се пребрзи на свежи гуми. Но, тој направи грешка и лоша проценка и ги уништи резултатите за двајцата. Дали треба да се смири? Не знам, ова може да се случи и ако има 300 трки зад себе“, објаснува Фетел.

Scroll to Top