Освојувачот на четири титули во Формула 1, Себастијан Фетел, обожува уште два спорта, фудбал и тенис. Фетел кој сезоната во Ф1 ја заврши на второто место, зад Луис Хамилтон, вели дека е голем фан на Роџер Федерер.
Германецот внимателно ги следел случувањата во тенисот, а имал голема желба да го запознае швајцарскиот ас.
„Имав можност да го сретнам само еднаш, се ракувавме и тоа беше тоа. Никогаш не сум имал можност да разговарам со него. Тој е симбол за естетика и совршенство во спортот. Постојат правила што важат за сите, но тој е исклучок. Исклучителен е иако има 37 години“, рекол возачот на Ферари.
Покрај Федерер, Фетел редовно го следел и својот омилен фудбалски тим, Ајнтрахт од Франкфурт.
„Голем навивач сум на Ајнтрахт. Оваа сезона ни оди одлично. Многумина веруваат дека Ајнтрахт може да избори место во Лигата на шампионите. Би сакал да се случи тоа“, порачал Фетел.
Новата сезона во Формула 1 ќе започне на 17.март 2019 година, со трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.