Себастијан Фетел вели дека Ферари мора да ја освојат титула во 2019 година во чест на нивниот покоен претседател Серџо Маркионе, чија смрт во јули според Германецот ја „наруши“ сезоната за италијанскиот тим.
Маркионе почина по копликации по операција на рамото во јули, откако во последните години беше одговорен за „препородот“ на Ферари, откако претходно беше одговорен за бизнис-растот на матичната компанија ФИАТ.
Фетел вели дека прва титула по повеќе од една декада ќе биде фантастичен гест кон Маркионе.
„Тоа беше голема загуба за нас. Работата продолжи, бидејќи сите си го знаат своето место во Ферари, меѓутоа не беше лесно. Секогаш ни вршеше притисок да бидеме подобри, но беше тука кога беше потребно да не води и тоа беше огромна загуба за тимот. Ќе се обидеме да направиме нешто повеќе следната сезона во негова чест“, вели Фетел.
Запрашан што може да направи Ферари за да го предизвика Мерцедес, откако последните две сезони по добриот старт, доаѓаше падот во формата по летната пауза, Германецот е јасен.
„Едноставно е, треба да имаме подобар и побрз болид. Во 2018 имаше трки во кои бевме конкурентни, но имаше и многу трки во кои едноставно не бевме блиску до Мерцедес и тоа мора да го поправиме следната сезона. Стануваме подобри, но и конкуренцијата станува подобра и тешко е да се надополни таа разлика“, додава Германецот.