Себастијан Фетел смета дека меѓу него и Шарл Леклер нема никакви проблеми и дека ривалството за кое најмногу се зборуваше во 2019 е направено повеќе од медиумите.
Пред последната трка од сезоната во Абу Даби овој викенд, Фетел и Леклер беа повеќе пати критикувани по судирот на Бразилското ГП по кој двајцата возачи на Ферари не ја завршија трката, а двајцата беа повикани во Маранело на разговори со шефовите на тимовите. Фетел пристигна малку подоцна во Абу Даби по раѓањето на неговото трето дете и вели дека проблемите се предимензионирани.
„Секако, несреќно е тоа што се случи во Бразил и сакаме да бидеме сигурни дека нема да се повтори. Тоа е најважно. Но, клучно е што ние двајца добро се согласуваме, што немаме проблем еден со друг. Знам дека однадвор ова се прави поголемо отколку што е, но во основа нема никаков проблем. Лекцијата е јасна – треба да оставаме повеќе простор кога се бориме на патеката, но проблеми нема“, вели Фетел.