Четирикратниот Ф1 шампион Себастијан Фетел вели дека ќе почека да ги види промените за 2021 пред да се обврзе на долгорочна иднина во спортот.
Германецот, кого оваа сезона повеќе пати го поврзуваа со повлекување од спортот поради незадоволство од слабата форма на Ферари, постојано изјавува дека не е задоволен од модерните Ф1 трки , во кои честопати „менаџирањето“ на гумите и на горивото е поважно од вистинското тркање.
Газдите „Либерти медија“ најавија големи промени за две сезони, но Фетел вели дека ќе почека пред да извлече заклучок.
„Морам да видам патоказ во кој болидите и Формула 1 повторно се возбудливи. Секако, времето проаѓа. Добро е што не прашуват – ние возачите секогаш го кажуваме нашето мислење и се надевам дека спортот ќе оди во вистински правец и ќе ни дозволи да се тркаме и да имаме предизвик. Денешните болиди? При висока брзина тие се први во класата. Кога нема висока брзина? Не би кажал последни, но се премногу тешки. Тоа не ми се допаѓа. Формула 1 болидот треба да е возбудлив во сите услови.Знам дека е потребно да има менаџирање на болидот и дека треба да ја користиш главата, а не само рацете и нозете, но на крајот, најбрзиот треба да биде победник“, вели Фетел.