Top Sport

Фетел се шегува: Па, Хамилтон веќе вози Ферари!

Себастијан Фетел на шега вели дека Луис Хамилтон веќе има доволно искуство зад воланот на Ферари по шпекулациите дека шесткратниот светски шампион во 2021 година ќе го замени токму Германецот во италијанскиот тим.

Последниот викенд од Ф1 сезоната во Абу Даби помина во знак на овие шпекулации, откако шефот на Ферари, Матија Биното вели дека би бил „среќен“ да има возач како Хамилтон, по што шефот на Мерцедес, Тото Волф изјави дека би го сфатил шампионот ако бара нов тим.

Фетел, пак, реши да ја сврти ситуацијата на шега.

„Мислам дека веќе е возач на Ферари, нели? Нема да има голема промена. Мислам дека е добар корисник на Ферари, бидејќи е сопственик на повеќе од еден модел на автомобил“, изјави Фетел.

Тој исто така со потсмев гледаше на шпекулациите дека размислувал да се пензионира по слабата 2019.

„Веќе како да бев отиден на одмор следната година, бидејќи слушнав дека сум се повлекол. Новинарите очигледно знаат повеќе од мене и јас ќе дознаам за неколку недели. Што би ми помогнало? Помалку интервјуа, можеби?“, додаде Фетел.

Scroll to Top