Себастијан Фетел признава дека неверојатниот успех на Луис Хамилтон во Формула 1 не може да се раздели од техничката доминација на Мерцедес, но тоа не значи дека болидот сам освојувал титули.

Асот на Ферари, Фетел, во последните 10 години се бори со својот британски ривал и двајцата имаат освоено осум од десетте можни титули оваа декада. Фетел освои четири титули со Ред бул во низа, додека успехот на Хамилтон доаѓа во турбо-хибридната ера, во која, секако, Мерцедес има апсолутна доминација.

Но, додека Макс Ферстапен изјавува дека сите би биле шампиони со таков болид, Фетел смета дека мешавината на талентот на Хамилтон и силниот болид значи дека тој има сосема заслужено пет титули, со шеста на пат.

„Очигледно, Мерцедес го имаа најдобриот болид последните неколку години, но имаше и други возачи кои имаа добра шанса да освојат титула. Се работи повеќе од обична добра машинерија, туку комбинација на машина и човек. Колку и да не уживав во годините во кои тој победува, морате да го цените тој факт. Затоа мора да му се оддаде почит и нему и на тимот, бидејќи не е пристојно да споменувате само едн од нив“, вели Фетел.