Top Sport

Фетел: Време е Ферари да има малку среќа

Асот на Ферари, Себастијан Фетел се надева на малку „повеќе среќа“ на Кинеското ГП овој викенд по лошите први две трки од сезоната.

Германецот, со невообичаено старомодни мустаќи во Шангај, беше четврт во Австралија и само петти во Бахреин, каде што главна ѕвезда беше неговиот млад клупски колега, Шарл Леклер, кому победата му избега поради механички проблем на моторот на Ферари.

„Кина е една од најтехнички тешките патеки на календарот. Две кривини се многу важни – првата и таа пред долгиот рамен дел кој е речиси еден километар. Во минатото имавме добри трки тука со Ферари и бевме блиску до победа. Можеби овојпат ќе имаме малку повеќе среќа за да ја прославиме 1.000 Ф1 трка со победа“, вели Фетел.

Еден од ретките кои застана во одбрана на Фетел по првите две трки беше главниот ривал, Луис Хамилтон од Мерцедес и Фетел е благодарен.

„Можеби тој е единствениот кој нема кратко паметење. Двајцата сме на патеката долго време и сакаме да се победиме. Во Ф1 секогаш се суди по само една трка, напред или назад, но тоа е дел од животот. Убаво е да се чуе тоа од него“, вели Фетел.

Scroll to Top