Во понеделникот навечер девет Формула 1 шампиони се собраа во Париз на отварањето на новата „ФИА Куќа на славните“, каде што ќе се прославуваат кариерите на 33-те Формула 1 шампиони.
Првата локација на музејот е „Автомобилскиот клуб де Франс“ во Париз, но постои амбиција да се постави уште една „Куќа на славните“ во Женева, каде што ќе се почестат и шампионите во другите тркачки категории.
На церемонијата беа Сер Џеки Стјуарт, Марио Андрети, Алан Прост, Најџел Менсел, Дејмон Хил, Жак Вилнев, Фернандо Алонсо, Себастијан Фетел и Нико Розберг и претставници на семејствата на тие кои не можеа да присуствуваат.
„Неверојатно е да се видат сите лица тука. Многумина ги знам само од тоа што сум читал за нив или што сум видел, така што ова е одлична идеја. Нашиот спорт има голема историја, и уште е жив“, вели Фетел.
Еден од тие кои навистина отсутвуваа беше најуспешниот на сите времиња, Михаел Шумахер, седумкратниот шампион кој доби сериозни повреди на главата при инцидент на скијање во декември 2013 година. На негово место беше менаџерот Сабине Кем, која изјави дека Михаел би бил пресреќен да е во друштво со големите имиња.
„Јас ум лоша замена тука. Сите знаеме дека Михаел би сакал да биде тука бидејќи имаше огромна почит кон сите шампиони“, изјави Кем.
Свој збор за Шумахер кажа и претседателот на ФИА, а поранешен шеф на Ферари, Жан Тод, кој откри дека и покрај аурата на непобедливост, Германецот постојано се преиспитувал, посебно по првата титула со Ферари во 2000 година, во петтата сезона со тимот. Првото нешто што тој го направил е закажување на тест-сесија во Фиорано.
„Се сеќавам кога возеше за Ферари и ќе споменам две работи. Во 2000, по 21 година, Ферари доби шампион, и јас го однесов на подиумот и му кажав: ‘Михаел, нашите животи веќе нема да се исти’. Тој момент во Сузука беше најдобриот во мојата кариера. Кога завршуваше таа сезона, тој ме срамежливо да му дозволам да тестира во Фиорано за да се осигура дека уште може да е брз. Знам дека многумина сметаа дека е арогантен, меѓутоа тој беше срамежлив човек. Ми недостасува на сите. Сакавме Мик да биде тука денеска, но тој тестира во Шпанија, додека Корина е во САД“, изјави Тод.