Италија заплени имот во вредност од околу 105 милиони евра во сопственост на поранешниот руски Ф 1 возач Никита Дмитриевич Мазепин и неговиот татко олигарх. Заплената се однесува на вила, позната како Камениот Овен, која се наоѓа на северот на Сардинија.
Мазепин, кој беше отпуштен од американскиот Ф1 тим Хаас во март, се наоѓа на листата на санкции на ЕУ заедно со неговиот татко Дмитриј, опишан од Европската унија како член на потесното опкружување на рускиот претседател Владимир Путин.
Во последните неколку недели, италијанската полиција заплени вили и јахти вредни повеќе од 900 милиони евра од богати Руси ставени на списоците за санкции на Европската унија по конфликтот во Украина. Највредниот имот запленет досега е неверојатната јахта во сопственост на милијардерот Андреј Игоревич Мелниченко, вредна околу 530 милиони евра, која беше запленета во пристаништето во Трст.
Мазепин е еден во низата руски спортисти кого воената инвазија на Украина го чинеше кариера или застој во кариерата.
Хаас на почетокот на март објави дека го раскинува партнерството со рускиот спонзор Уралкали и го раскинува договорот со Мазепин. Синот на рускиот милијардер и олигарх во Формула 1 почна да се натпреварува минатата година, а во ниту една од трките не успеа да стигне меѓу освојувачите на бодови.