Двократниот Формула 1 шампион, Мика Хакинен побара спортот да научи од контроверзното Канадско ГП на кое Себастијан Фетел доби казна од 5 секунди која му ја „одзеде“ победата и ја предаде на Луис Хамилтон.
Околу контроверзната трка во Монтреал имаше многу различни мислења кај сегашните и поранешните возачи, иако повеќето сметаа дека казната е престрога. Хакинен вели дека и тој би направил исто како Германецот во неговите тркачки денови.
„Едно нешто е сигурно – јас би го направил истото. Како и секој тркач. Кога нешто ќе тргне наопаку, најважно е да направиш брзо опоравување и да го оставиш тој што те брка зад себе. Тоа е нормално. Кога Фетел почувствува дека задниот дел на болидот се лизга и излегува од патеката, многу работи се случија многу бргу. Гумите во Формула 1 во основа се истопена гума, така што Себастијан знаеше дека секое парче трева, прашина и камен се залепило на гумата. Исто така знаеше дека кога ќе излезе на патеката ќе биде на валканата страна и токму затоа мораше да се врати на тркачката линија многу бргу. Тој исто така знаеше дека Хамилтон е зад него и првата цел беше да биде пред него. Исто така, треба да се знае дека Хамилтон гледаше што се случува и беше подготвен. Тој знаеше дека ќе мора да претекне или да удри на сопирачките“, објаснува Хакинен.
Поранешниот возач на Мекларен исто така се потсети на неговите тркачки денови и дуелите со Михаел Шумахер.
„Себастијан го бранеше своето водство и го постави болидот на ист начин како што Луис го постави својот Мерцедес пред две недели пред Макс Ферстапен. Кога ќе погледнам наназад во мојата кариера, Михаел и јас имавме многу поголема слобода за тркање. Дали немаше толку камери кои ги фаќаат сите моменти не знам, но ќе имаше многу казни од пет секунди да се тркавме со сегашните правила. Сфаќам дека ФИА работи на безбедноста на спортот, но треба да е најде начин возачите да се тркаат и да се мисли на репутацијата на спортот. Во неделата никој не беше среќен и казната беше на сите кои ја следат Ф1“, објаснува Финецот.