Двократниот светски шампион Мика Хакинен даде своја оценка за ситуацијата на возачите во Ферари, порачувајќи му на Шарл Леклер дека ќе му биде потребна напорна работа и долго време да го стигне нивото на неговиот колега, четирикратниот шампион Себастијан Фетел.
Дел од навивачите на Ферари сметаа дека Леклер е неправедно ставен во втор план по низата тимски наредби и дека тој треба да го предводи славниот италијански тим. Хакинен не се согласува и му порача на момчето од Монако да работи.
„Фетел има огромно искуство и е многу брз возач. На Шарл ќе му биде потребно време да стигне до тоа ниво, сепак, Германецот е четирикратен шампион. Потребна е вклученост во работата во тимот и мир. Да, тој е брз, но до светската титула не се стигнува само со брзина. Прво, тој треба да се потруди постојано да биде побрз од Фетел“, вели Хакинен во интервју за „Марка“.