Top Sport

Хамилтон до рекордна шеста британска победа, Фетел казнет за судирот со Ферстапен (видео)

Луис Хамилтон ја забележи рекордната шеста победа на својата домашна трка во Силверстоун, откако успеа да го помине освојувачот на пол-позицијата, колегата од Мерцедес, Валтери Ботас, додека зад него имаше драматичен судир на Себастијан Фетел (Ферари) и Макс Ферстапен (Ред бул) за кој Германецот беше казнет.

Хамилтон со шестата победа во Силверстоун останува сам рекордер на патеката, бидејќи досега беше израмнет со пет победи со Французинот Алан Прост и Британецот Џим Кларк.

Трката беше одлучена во 21. круг, кога на патеката излезе безбедносното возило по излетувањето на возачот на Алфа Ромео, Антонио Џовинаци. Хамилтон, кој беше во водство откако претходно Ботас влезе во боксот, заедно со Фетел и Ферстапен „грабна“ слободно влегување во боксот и остана пред Финецот до крајот на трката.

Шарл Леклер во Ферари го освои последното место на подиумот, откако имаше повеќе интересни битки со врсникот Макс Ферстапен во Ред бул во текот на трката, но најмногу внимание предизвика инцидентот кој Ферстапен го имаше со колегата на Леклер, Себастијан Фетел.

Ферстапен го помина Фетел на третото место, но Германецот не сакашеда се откаже и се удри во задниот дел на болидот на Ред бул, уништувајќи ја трката на двајцата. Стјуардите оценија дека тој е виновен и му дадоа 10 секунди казна.

Зад Леклер заврши Пјер Гасли во Ред бул пред Ферстапен, а во поени завршија и Карлос Саинс Јуниор (Мекларен), Даниел Рикардо (Рено), Кими Раиконен (Алфа Ромео), Данил Квјат (Торо росо) и Нико Хилкенберг (Рено).

Scroll to Top