Top Sport

Хамилтон: Ферари и Ред бул се во „друга лига“!

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон признава дека ривалите од Ферари и Ред бул се во „друга лига“, посочувајќи дека со неговиот Мерцедес реално можел да стигне само до петтото место и не очекува дека ќе се бори со нив на неделната прва трка од сезоната во Бахреин.

Шарл Леклер ги потврди шпекулациите од зимското тестирање дека Ферари има брз болид, освојувајќи ја пол-позицијата пред шампионот Макс Ферстапен во Ред бул, додека трет беше Карлос Саинс Јуниор во второто Ферари, пред уште еден болид на Ред бул, тој на Серхио Перез.

„Момците кои се пред нас се во друга лига. Во основа сум среќен со нашиот болид, но ќе направиме подобрувања на болидот во текот на сезоната. Ред бул и Ферари ќе бидат пред нас, сега не сме во битка со нив, туку со тие кои се зад нас. Нивните перформанси се далеку пред нашите“, призна Хамилтон за „Скај спортс“.

Тој додава дека мал оптимизам е тоа што болидот на Мерцедес бил „само“ 6 десетинки од секундата зад ривалите, бидејќи по зимското тестирање очекувале поголема разлика.

„Не би кажал дека ми олесна, но денот беше добар во однос на тоа што го видовме последните две недели. Болидот е мал кошмар за возење, но работиме напорно“, додава Англичанецот.

Леклер на пол-позицијата во Бахреин

Scroll to Top