Top Sport

Хамилтон: Ферари ја криеја брзината на тренинзите

Светскиот шампион Луис Хамилтон вели дека Ферари не ја покажале вистинската брзина на петочните тренинзи пред Шпанското ГП, на кои најбрз беше токму возачот на Мерцедес.

Колегата на Хамилтон, Валтери Ботас беше најбрз на првиот тренинг, пред Хамилтон да постави најдобро време во втората сесија, а Себастијан Фетел во Ферари заостануваше 0.95 секунди зад Ботас и 0.326 секунди зад Хамилтон. Но, Британецот вели дека формата на Скудерија не е падната.

„Мислам дека сме многу блиску. Не сум сигурен каква беше брзината на Ферари денеска, но најверојатно криеја нешто, што ќе го извадат на квалификациите. И Ред бул се тука, така што ќе биде многу неизвесно меѓу првите три тимови. Не може да се каже кој е најбрз поради различните стратегии. Утре ќе добиеме јасна слика“, вели Хамилтон.

Фетел инсистира дека „туркал“ до максимум за да постави најдобро време во петокот.

„Секогаш се обидуваш да бидеш најбрз. Обично наоѓаме дел од перформансите во текот на вечерта, така што ќе инженерите и механичарите имаат работа. Тоа не доаѓа само по себе, туку поради напорна работа. Не знам што ќе се случи на квалификациите. Можеме да бидеме први, но и шести“,  оценува Фетел.

Фото: ЕПА

Scroll to Top