Top Sport

Хамилтон го освои Пол Рикар, Фетел се „самоуништи“ и на крајот беше петти

Луис Хамилтон се врати на првото место во генерален пласман во Формула 1 откако стигна до доминантна победа на првото Француско ГП по 10 години, триумфирајќи пред Макс Ферстапен во Ред бул, додека подиумот го комплетираше Кими Раиконен во Ферари.

Хамилтон немаше голема мака да стигне до 65. победа во кариерата, откако акцијата беше зад него. Ова е трет триумф на Хамилтон оваа сезона и сега тој повторно е лидер во генерален пласман со 14 поени предност.

„Се чувствувам благодарен за одличниот викенд. Момците беа фантастични, ги поместија сите граници и им благодарам за победата. Викендот беше совршен и за мене лично ова е најдоброто Француско ГП во кариерата“, изјави Хамилтон веднаш по трката. Нормално, ова е првото Француско ГП за него.

Даниел Рикардо беше четврти во вториот Ред бул, пред Себастијан Фетел, а во поени беа и Кевин Магнусен (Хас), Валтери Ботас (Мерцедес), Карлос Саинс Јуниор (Рено), Нико Хилкенберг (Рено) и Шарл Леклер (Алфа Ромео Заубер).+

Трката започна хаотично, откако возачите на Ферари имаа лош старт, а Себастијан Фетел откако беше претекнат од Валтери Ботас во Мерцедес, го удри одзади за двајцата да ги оштетат болидите и по излегувањето на безбедносното возило да завршат на крајот. Фетел беше казнет од стјуардите за инцидентот со казна од 5 секунди, која на крај не значеше многу – тој го задржа петтото место.

По ова Фетел успеа да скокне и до четвртото место во финишот на трката, но во необичен момент, беше претекнат од неговиот клупски колега Раиконен, кој имаше повеќе сили за борба за подиумот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top